Пет хотели, катна гаража и спортски
комплекс со апартмани и спортски терени ќе се градат под Кале. Амин за овие
градби даде Советот на Општина Центар усвојувајќи го Деталниот урбанистички
план “Централно зеленило покрај река Вардар-Парк 2“. ДУП опфаќа површина од
19,79 хектари, земја која во најголем дел е во државна сопственост.
Целиот план за реонот предвидува
изградба на нови објекти, а единствено се потврдува и се планира надградба на
резиденцијата на поглаварот на МПЦ. Планот овозможува и изградба на нови
содржини во функција на постојните верски објекти.
Петте
хотели, пак, е предвидено да бидат распоредени еден до друг покрај брегот на Вардар.
Три од нив ќе можат да достигнат максимална висина од 14,5 метри, а два од 11 метри,
односно да бидат на три и два ката.
Катната
гаража предвидено е да има осум подземни нивоа и капацитет
од 1.960 возила. Интересно за овој објект е што во него ќе може да се пристапува
директно од најгорниот кат, преку мост што со него ќе биде поврзан со улицата Лазар
Личеноски.
Објектите
во спортскиот комплекс ќе можат да достигнат висина од осум метри. Во овој комплекс,
планот дозволува изградба на спортско-рекреативна сала, придружни објекти во функција
на спортот, отворени спортски терени и привремено сместување.
Државата
планира градежните парцели да ги отуѓи преку јавна лицитација.
К.С.